Принципи на јавната администрација

Европската Комисија посветува особено внимание на реформите во јавната администрација преку шест клучни области во кои е неопходен прогрес во процесот на проширување на ЕУ. Овие шест области на реформи кои ги определува ЕК ги одредуваат принципите на јавната администрација. Принципите на јавната администрација детално го дефинираат концептот на добро владеење, како одредници кои треба да ги исполнат земјите при процесот на интеграција во ЕУ. Овие принципи на јавната администрација се развиени од страна на СИГМА, во соработка со Европската Комисија, и се користат од Европската Комисија за следење на реформите во јавната администрација од страна на земјите – кандидати членки на ЕУ. Во рамките на проектот „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредности на добро управување“ беа прилагодени овие принципи, согласно контекстот на работа на единиците на локалните самоуправи, заради дефинирање на стандарди за добро управување за локалните самоуправи. Областите на стандардите за добро управување и нивното значење се следните:

Развој и координација на политиките и стратегиите

Потребно е да се постои успешно и посветено водство кое своите визии ги преточува во стратегии и планови со што се обезбедува јасен патоказ во спроведувањето на јавните политики во општините. Програмите и стратегиите на општината треба да се планираат во согласност со капацитетот на локалната администрација, човечки и финансиски, да бидат кохерентни и според потребите на граѓаните. Неопходно е да постои структура за нивно ефикасно спроведување и систем кој ќе обезбеди следење и оценка на ефектите од тие политики. Процесот на консултации треба да биде вграден во клучните фази од развојот на политиките, бидејќи резултатите од консултациите можат да влијаат врз крајното конципирање на политиката.

Управување со човечките ресурси

Услов за добро управување на локално ниво е постоење професионална, добро организирана и обучена јавна администрација којашто ќе има капацитет да одговори на потребите на граѓаните во обем којшто произлегува од надлежностите на единиците на локалната самоуправа. Вработувањето и унапредувањето во општините треба да се базира на транспарентни критериуми, почитувајќи го принципот на заслуги и елиминирајќи го факторот на политичко влијание. На вработените треба да им се обезбеди стручно усовршување во согласност со целите и потребите на општината, а нивната работа и ефективност треба да подложи на праведно и објективно оценување.

Транспарентност и отчетност

Обезбедувањето опсежни информации за работата на органите на општината значи дека граѓаните се информирани и на тој начин можат да влијаат на решавањето на прашањата од локална надлежност коишто се предмет на нивниот интерес, како и да учествуваат во процесот на креирање и следење на спроведувањето на јавните политики. Транспарентноста и отчетноста на општината треба да се обезбедат преку повеќе канали, односно и преку физички и електронски средства, со цел информациите да бидат достапни за различни категории на граѓани. Механизмот на транспарентност и отчетност треба да биде проследен со систем на контрола и независен надзор.

Обезбедување услуги

Обезбедувањето услуги е огледало на ефикасноста, ефективноста и квалитетот на функционирањето на општината, бидејќи тогаш граѓаните остваруваат контакт со локалната администрација за обезбедување на нивните права или остварување на нивните обврски. Општината треба да развие свои политики преку кои ќе се заложи и посвети за градење администрација која е ориентирана кон граѓаните. Од особено значење е пристапот на обезбедувањето на услугите да биде ефективен и ефикасен, како и да обезбедува еднаков третман. Воспоставувањето добри услуги за граѓаните треба да биде проследено со процес на континуирано подобрување на квалитетот на услугите и обезбедување еднаков пристап до услугите за сите граѓани.

Управување со општинските финансии

Изработката на буџетот на општината треба да се одвива согласно дефинираниот буџетски процес. Учеството на граѓаните во изработката на буџетите значи поквалитетен буџетски процес, утврдувајќи ги приоритетите кои се важни за граѓаните. Извршувањето на буџетот треба да биде проследено со редовни финансиски извештаи за да може да се следи трошењето на средствата, но и подобро да се планира следниот буџет. Транспарентноста во трошењето на буџетските средства има големо влијание во подобрување на перцепцијата за доброто управување на општината. Општината треба да има вградено механизми за добро финансиско управување и контрола, за да се осигури квалитетно планирање, извршување и ревизија на извршувањето на буџетот.